Despina Depa Kavaeva

 

“В Струга с'де една девојка ни каза до сто и педесет прекрасни песни од, кои повике јуначки.”


Константин Миладинов

...”Потоа пред нив се смени сликата и Аврамче го виде младиот Прличев како седи на кафе во куќата на Јосиф Кавај во Струга.
‘Гледај уште една моја мака. Уште една велика укма што ми легна на срце и ми остана до крајот на мојот беден живот. Ја  гледаш онаа прекрасна мома што на сребрена табака ми принесува кафе? Се вика Деспина. Заради пустата севда по неа, со саати знаев да висам во куќата на овој струшки чорбаџија. Многу ја замилував а и таа мене. Ама не ми ја дадоа. А знаеш зошто? Сум имал мозолчиња на лице. Замисли каква банална глупост. Заради мозолчињата на моето лице што говореле дека којзнае каква болест сум закачил, моравме  да  се  разделиме.  Јас  подоцна,  иако  не  со голем ќеф, се оженив со ќерката на Христо Узунов, Анастасија, но таа, Деспина Каваева, замисли, толку ме  сакала  што  решила  да  не  оди  за  друг,  туку  се закалуѓерила  како  сестра  Касијана  во Свети  Јован Канео каде ми  останала  верна до  крајот  на  својот запустен живот! Најди ми маж, да те видам, способен за ваков подвиг!’”… 


Автор: Драги Михјаловски
Наслов: "Мојот Скендербеј"
Издавач: "Каприкорнус"


…“Испадна така, што јас занесена по приказните, место да отплетувам туѓи, сум побрзала да сплетам една сопствена. Ама, во брзањето сосем да сум ти ја исплеткала работата. Јазолот го отплетка нова приказна за најголемата приказничарка од крајот. Деспина Депа Каваева. До што било вредно за приказ, таа го прикажувала во сочиненија наизуст искажани. Заради дарот таа била дури и во зборник прикажана, сегде како најумна со прст покажана, а приказните од уста на уста прекажувани. Со време и самата станала една од тие приказни.  Можеби најубавата”...

Автор: Билјана Ѓонеска
Расказ: Сплет во недоглед